Хари Кејн целата кариера до оваа сезона ја мина во Тотенхем, а добро познато е дека во Премиер-лигата најзгуснат распоред е токму во периодот околу божиќните и новогодишните празници.
Големиот ас минатото лето дојде во Баерн Минхен, па по синоќешниот триумф над Волфсбург сега има десетина слободни денови за одмор со семејството. Кејн по дуелот во Волфсбург не пропушти да најави дека максимално ќе го искористи овој одмор, меѓу другото и за да им „фати сеир“ на многубројните пријатели кои се уште настапуваат во Премиер-лигата.
„Никогаш не сум имал ниту ден одмор во декември, знаете како е во Англија…Ова ми беше тежок период, извесно време бев одвоен од семејството, така што одморот ќе ми биде добредојден за да минав време со најблиските. Знаете дека во Премиер-лигата уште ќе се игра, дефинитивно ќе морам да им пратам селфи од плажа на другарите од Премиер-лигата, и тоа на Боксинг Деј“, со насмевка прокоментира Кејн.
Англискиот ас се покажа како супер-засилување за Баерн, ако се знае дека досега има 21 гол во Бундес-лигата, уривајќи притоа неколку рекорди во својата дебитантска сезона во Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА