Кек провоцираше со столчето, Облак најавува триумф за Словенија

Словенија дојде да одигра најквалитетно што може и да се обиде да победи во Скопје. Ова е најавата од селекторот Матјаж Кек и од голманот Јан Облак на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот квалификациски меч со Македонија на арената „Тодор Проески“.

Кек се обиде и малку да провоцира, се „закова“ за столчето и не сакаше да се помрдне кон средината, можеби и во знак на револт затоа што Словенците го чекаа многу багажот на аеродром по пристигнувањето. И се уште го немаат добиено.

„Секогаш седам на крајното десно столче. Поместете го вие банерот со спонзорите“, истакна Матјаж Кек. Потоа се осврна и на натпреварот. „Знаеме дека не очекува тежок натпревар. Македонија е квалитетна селекција, ќе игра пред домашната публика, но ние веруваме во сопствените квалитети и се надеваме на позитивен резултат. Инаку, не верувам во саботажа, ние сме овде за фудбал. Дојдовме со полска авиокомпанија, но еве сме сепак на тренинг“, изјави словенечкиот селектор.

Јан Облак знае дека Македонија е сега многу помотивирана, откако имаше успеси во септемврискиот мини-циклус од квалификациската група.

„Македонија е сега многу помотивирана, откако забележа успеси на последните два меча. Но, ние сме дојдени да победиме. Ќе се обидеме да бидеме во најдоброто издание и да ги освоиме бодовите. Знаеме дека ќе биде тешко, ќе играме пред жестока публика“, изјави Јан Облак.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија е закажан за утревечер, со почеток во 20.45 часот, на нашиот најголем стадион.

Се вчитува...