Борнмут денеска и официјално го претстави новото засилување за одбраната, и тоа на позицијата лев бек, јасен предзнак дека овој клуб е подготвен да даде зелено светло за продажбата на Милош Керкез во Ливерпул.
Адриен Трофер е новото име во англискиот премиерлигаш, откако челниците на Борнмут се договорија со францускиот прволигаш Рен трансферот да изнесува загарантирани 13,5 милиони евра, плус дополнителни 3,5 милиони поврзани со неколку клаузули. Французинот денеска потпиша четиригодишен договор со новиот клуб, по што сега е само прашање на време кога Борнмут ќе ја официјализира продажбата на Керкез во таборот на Ливерпул.
Преговорите траат веќе дваесетина дена и клубовите се многу блиску до целосен договор, а англиските медиуми најавуваат дека трансферот ќе изнесува најмалку 40 милиони фунти.
Ливерпул веќе го потпиша Џереми Фримпонг од Баер Леверкузен, до крајот на оваа седмица се очекува и потписот за рекордниот трансфер на Флоријан Вирц, по што ќе биде комплетиран и трансферот на Керкез.
Доаѓањето на унгарскиот лев бек ќе значи и заминување за Енди Робертсон, за кого сериозен интерес покажува Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА