Кесар: Ќе се обидеме да влеземе во Топ 8 во АБА2

Кошаркарите на Пелистер имаа слаб старт на дебитантската сезона во АБА2-лигата, со еден триумф и шест порази во првите седум средби во регионалното натпреварување.

Битолчани денеска во Бања Лука го почнуваат настапот на четвртиот турнир во АБА2 против Младост Земун. Центарот Игор Кесар, кој и сезонава е лидер на овој тим, најавува дека „зелено-белите“ нема да се откажат од желбата да стигнат до место меѓу првите осум на табелата, што значи и пласман на завршниот турнир во разигрувањето за титулата.

„Се среќаваме со Младост, екипа што уште на почетокот на сезоната најави високи амбиции и влез во АБА1. По долгиот наш период на „застанување на нозе“ и околностите кои се случуваа, како и пеховите со повреди на дел од моите соиграчи, дојдовме на овој четврти балон за да се надигруваме со противниците. Имавме неколку натпревари на кои малку недостигаше да победиме, но и критериумите заради сето она што се случуваше не беа наклонети на наша страна. Во овој балон ќе се обидеме да се вратиме во првите осум екипи на табелата, бидејќи си должиме шанса како играчи да се претставиме во добро светло во ова натпреварување. Најважно е да бидеме максимално фокусирани од првата минута, тоа е првата насока од тренерот Илиевски, за сето она што е тактичка замисла да го спроведеме на теренот“, истакна Кесар.

Србинот не го крие задоволството што неговиот тим за кратко време успеа да се наметне како фактор на македонската кошаркарска сцена.

„Дури и доколку не успееме во тоа што го посакуваме во АБА2, ме радува што Пелистер успеа да ги надмине проблемите со кои се соочивме. За една сезона успеавме да се наметнеме како екипа што е фактор во македонската кошарка, истовремено настапувајќи и во АБА2. Без оглед на поразите, знаејќи што се се случуваше во клубот во изминатите пет месеци, Пелистер достојно се натпреварува со многу квалитетни ривали во регионот“, коментира Игор Кесар.

Се вчитува...