Киелце е пресилен ривал за Вардар

Вардар претрпе уште еден пораз во рамките од Лигата на Шампионите, губејќи на гостувањето против Киелце со резултат 36-29. Избраниците на Стевче Алушовски одиграа во рамките на своите можности, повторно голманите не беа на посакуваното ниво, „вардарци“ имаа кризни периоди во нападот, што е недозволиво кога се има ривал како што е Киелце.

Слично како и на првиот натпревар во Скопје, Вардар беше подобар во почетните минути и стигна до рано водство од 2-5, но Киелце набрзина ги консолидираше своите редови и стигна до израмнување. Нападот функционираше, но во одбраната се немаше одговор за „брзиот центар“ на Полјаците, па мечот беше израмнет се додека во ритам не влезе домашниот голман Корнецки. Тој собра девет интервенции во првото полувреме, овозможувајќи лесни погодоци во вториот дел, со што Киелце замина на одмор со убедливи 18-12.

Со голот на Даниел Душебајев полските ракометари стигнаа и до „плус седум“ (21-14), но Вардар одговори со неколку гола во серија и приближување на 24-20. И повторно само десетина минути во полувреме траеше вистинскиот ритам на Вардар, „црвено-црните“ се соочија со истиот проблем – несигурност во нападот, а одбраната која што не функционираше цел натпревар не можеше да спречи противникот повторно да се одлепи. Киелце влезе со удобни „плус осум“ во завршните десет минути, Душебајев можеше да си дозволи и да ги одмори клучните играчи, а тоа да не се одрази врз конечниот исход на овој натпревар.

Тимур Дибиров одигра одличен натпревар со седум гола од исто толку обиди, шест постигна Јотиќ, а по четири Стоилов, Дисингер и Чупиќ.

Се вчитува...