Киелце настрада во Белорусија, нов пораз на Митревски и Порто

Вардар имаше уште еден одложен меч во Лигата на Шампионите, овојпат на гостувањето против Фленсбург, но во меѓувреме вечерва се одиграа две средби од групата на „црвено-црните“.

Никола Митревски и Порто претрпеа пораз на гостувањето против Пик Сегед со резултат 35-31. Унгарците уште од самиот почеток наметнаа силно темпо, поведоа со 7-3, а прашањето на победникот го решија веќе во првото полувреме што го добија со 18-12. Порто ја преполови негативата на три гола (25-22), но тоа беше се што португалскиот првак успеа да стори бидејќи следеше нова серија на Пик Сегед со која домашните ракометари си ја осигураа победата. Никола Митревски имаше шест успешни интервенции на оваа средба, додека најефикасни на натпреварот беа Калман со осум кај Пик Сегед и Соуса со шест гола кај Порто.

Киелце претрпе неочекувано убедлив пораз на гостувањето против Брест Мешков (35-30), само втор неуспех за полскиот шампион во досегашните 12 пресметки со ривалот од Белорусија. Брест Мешков на полувреме имаше водство од 15-11, а потоа фуриозно го одигра и првиот дел од второто полувреме, поведувајќи со 25-17 и решавајќи ги сите дилеми околу победникот. Сташ Скубе ги предводеше стрелците на победничкиот тим со седум гола, додека по пет кај Киелце постигнаа Душебајев и Кулеш.

Се вчитува...