Киелце остана без главниот спонзор – шанса за Карачиќ во Вардар

Трансферот на Игор Карачиќ од Киелце во Вардар повторно се актуелизира откако беше обелоденето дека полскиот првак се соочува со огромни финансиски проблеми. Првиот човек на Киелце, Бертус Сервас, денеска на прес-конференција објави дека неговата компанија повеќе нема да може да го спонзорира актуелниот полски ракометен првак.

„Многу ми е жал што го објавувам ова – но од 1 јули мојата компанија веќе нема да го спонзорира ракометниот клуб Киелце. Причините се едноставни – Ковид 19 вирусот остави тешки финансиски последици врз нашиот бизнис, продавниците беа затворени подолго време. Јас морам да бидам одговорен менаџер, да се грижам за илјадниците вработени, едноставно ќе немаме пари за вложување во спортот“, објави Сервас.

Воедно, тој најави дека клубот има две опции – да продаде два-три клучни ракометари и да си ги намали амбициите, или да побара помош од сите приврзаници. Така, Сервас почна кампања за собирање на 2,5 милиони злоти, сума што би била доволна за покривање на сите трошоци за Киелце да ги задржи ракометарите што во моментов ги има во тимот.

Вардар внимателно ја следи целата ситуација, откако претседателот Михајловски неодамна за ЕКИПА најави дека е сериозно заинтересиран за враќање на Карачиќ, но само доколку се случи „чудо“.

Карачиќ имаше тешка повреда кога јас решив да го донесам во клубот бидејќи бев убеден дека ќе стане играчиште – што се покажа како точно. Секако дека би било прекрасно да го вратиме, факт е дека Вардар го сака Карачиќ исто како што е факт дека Карачиќ би сакал да се врати во Вардар. Сепак, реалноста е поинаква – тој има валиден договор со Киелце кој мора да биде испочитуван. Доколку се случи некакво чудо и Игор стане достапен на пазарот, сигурно ќе седнеме и верувам дека би можеле да се договориме. Сепак, во моментов тоа не делува како реална опција“, истакна Михајловски минатиот месец за ЕКИПА.

Се чини дека „чудото“ е на повидок, а со самото тоа се создаваат сите предуслови за камбек на Карачиќ во „црвено-црното“ семејство. Хрватот во изминатите денови се наоѓа во Скопје, денеска објави фотографија од заеднички тренинг со Тимур Дибиров, а како што стојат работите, лесно може да се случи тој повторно да го облече дресот на Вардар, само една година по заминувањето од овој клуб.

Се вчитува...