Кил е „недопирлив“, по Вардар го реши и Веспрем

Кил уште еднаш ја потврди врвната класа откако „зебрите“ славеа на дерби-дуелот против Веспрем (29-28), на тој начин осигурувајќи си го првото место на две кола до крајот на групната фаза. Кил не постигна гол во последните девет минути од мечот, но сепак успеа да стигне до триумф со кој си обезбеди директен пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Охрабрени по извонредниот настап и убедливата победа над Вардар во минатото коло, избраниците на Филип Јиха импресионираа со ново беспрекорно офанзивно издание. Во одбраната им недостигаше повредениот Винчек, но дури и во отсуство на главниот дефанзивец ракометарите на германскиот гигант успеаја да најдат начин по европскиот првак, да го земат скалпот и на актуелниот вицешампион на „стариот континент“.

Првото полувреме заврши со израмнети 15-15, а како пресуден се покажа стартот на вториот дел во кој Кил со неколку брзи контранапади направи серија од 4-0 и поведе со 21-17. Веспрем се разбуди по тајмаутот на Дејвис, во неколку ситуации се приближи до „минус еден“, а откако Цупара седум минути не прими гол, гостите се приближија на „минус еден“ (29-28) на две минути до крајот по „бомбата“ на Вуко Борозан. Цупара го одбрани и последниот шут на Зарабец, Веспрем имаше напад за израмнување, одговорноста ја презеде Борозан, но Ландин го одбрани неговиот удар за огромна радост на домашните фанови во „Шпаркасе Арена“.

Екберг ги предводеше стрелците со осум гола, а одличен беше и пивотот Пекелер, кој постигна седум погодоци за Веспрем. Дејан Манасков постигна три гола без промашување во првото полувреме, пред во вториот дел да му го препушти своето место на Штрлек.

Се вчитува...