Кил е пресилен за Штутгарт, Вецлар ремизираше со Фленсбург

Македонските интернационалци во германската Бундеслига имаа половичен успех во 19. коло откако Штутгарт на нашиот Жарко Пешвски загуби од Кил со убедливи 29-42, додека Вецлар на Филип Миркуловски во финишот на мечот успеа да ремизира со Фленсбург (29-29).

Штутгарт немаше сили за ново изненадување, а гостите победата ја најавија уште во првото полувреме кое го добија со 11-22. И покрај тоа што домаќините одиграа подобро во нападот во вторите 30. минути немаа сили за резултатско приближување. Македонскиот пикер натпреварот го заврши со четири гола од седум обиди кон противничкиот гол.

По изедначената игра во првото полувреме (15-15), Фленсбург одигра подобро на двата дела од теренот на отварањето во вторите 30. минути по што во едно време имаше и предност од +6 (18-24), но Вецлар не се предаде. Домаќините од минута во минута ја топеа негативата, а во последната минута стигнаа и до изедначување за важен бод во трката за излез во Европа следната година. Филип Миркуловски не настапи на натпреварот.

Се вчитува...