Кил го избра наследникот на Филип Јиха

Кил експресно го реши тренерското прашање по разделбата од Филип Јиха откако денеска беше официјализирана соработката со Берге Лунд, норвешкиот стратег кој во следниот период ќе седи на клупата на германскиот ракометен гигант.

Лунд своевремено и како играч ги бранеше боите на Кил во периодот од 2007 до 2010 година, освојувајќи три титули во Бундес-лигата и една во Лигата на Шампионите. По завршувањето на играчката кариера тој заплови во тренерски води, а во Кил доаѓа од редовите на Елверум, откако во претходните неколку сезони со успех го предводеше овој норвешки клуб.

„Берге е вистинскиот човек за нашиот нов почеток, со новоформиран тим. Тој работеше одлично во Елверум во последните години, склопувајќи квалитетен тим како микс од млади и од искусни ракометари. Исто така, даде значаен придонес на индивидуалниот развој на секој ракометар, меѓу нив и на нашиот Ерик Јохансон. Згора на тоа, тој го знае клубот, ја знае лигата, знае што значи да се работи во Кил“, изјави менаџинг директорот на Кил, Виктор Шилаги.

Се вчитува...