Кил и ослабен го реши ПСЖ на „Ел команданте“

Европскиот првак Кил славеше со 31-29 над ПСЖ во најинтересниот четвртфинален дуел од Лигата на Шампионите. „Зебрите“ беа значително ослабени поради неиграњето на Сандер Сагосен, во вториот дел останаа и без помошта на Винчек, но и со таквите кадровски проблеми избраниците на Јиха успеаја да го совладаат големиот ривал. Раул Гонзалез има за што да жали бидејќи неговиот тим 40 минути беше во водство, но не успеа да ја задржи предноста до самиот крај.

ПСЖ беше подобар тим од самиот почеток од натпреварот, „светците“ поведоа со три гола разлика, а потоа по серијата добри одбрани на голманот Џенти набрзина стигнаа и до „плус четири“ (8-12). Кил конечно ја стегна одбраната, европскиот првак предводен од голманот Ландин шест минути беше без примен гол, успевајќи да стигне до израмнување од 12-12. Рајнкинд беше единствениот расположен за игра во нападот на Кил во првото полувреме, а токму со голот на норвешкиот бек на одмор се замина со минимално водство на ПСЖ од 14-15.

Вториот дел мина во израмнета игра, а проблемите на Јиха уште повеќе се продлабочија откако повреда заработи и главниот дефанзивец Винчек. „Зебрите“ не се предадоа, не само што парираа, туку со голот на голманот Ландин успеаја и да стигнат до минимално водство (23-22). ПСЖ за момент „заспа“, а германскиот гигант го искористи тоа и набрзина поведе со три гола разлика (29-26). Кил не искористи зицер за „плус четири“ во самиот финиш, Раул Гонзалес побара тајмаут на десет секунди до крајот, по што „светците“ погодија во самиот финиш за конечни 31-29.

Рајнкинд беше прв стрелец на Кил со десет погодоци, пет постигна Дувњак, додека кај ПСЖ најефикасен беше крилниот ракометар Наи со осум погодоци.

Се вчитува...