Кил и во Германија го декласира Вардар кој веќе не наликува на европски првак

Европскиот првак Вардар убедливо загуби од Кил на гостувањето во Германија со 34-23, во првиот меч од продолжението на елитната Лига на шампионите. Стевче Алушовски дебитираше со пораз, а тимот комплетно се загуби во последните петнаесетина минути од дуелот. Кил имаше водство речиси во целиот тек од мечот, го контролираше резултатот, а вардарци не успеаја да се доближат на помалку од два гола негатива. Тоа е четврти пораз во низа во ЛШ за Вардар кој останува на шестата позиција во групата Б со 9 бода, а Кил се зацврсти на врвот со двојно повеќе по 11 одиграни натпревари.

По воведните 3-3, Кил се одлепи значајно со серија од четири последовни погодоци, поведе со 7-3, а во 18.минута имаше и комфорни шест гола предност (13-7). До крајот на полувремето Гедбан влезе во ритам, а „црвено-црните“ ја намалија негативата на четири гола (18-14).

На стартот на вториот дел Вардар намали на 18-16, но потоа и Никлас Ландин спречи неколку шутеви, комплетно го „откажа“ Тимур Дибиров кој постигна само еден гол од седум обиди, и предноста на Кил повторно порасна на завидни шест разлика (25-19) по реализираниот противнапад на Магнус Ландин Јакобсен во 47. минута.

Вардар немаше вистинска идеја во нападот, Никлас Екберг казни со уште еден погодок и тука комплетно беше скршен отпорот на тимот на Стевче Алушовски. Тимур Дибиров со три гола во низа намали на 27-22, но Кил не дозволи никакво изненадување, повторно додаде гас и славеше сигурен триумф со двоцифрена разлика.

Никлас Ландин забележа 15 одбрани на голот на Кил, а Никлас Екберг постигна осум гола. Кај Вардар, Криштопанс беше стрелец на шест погодоци, Стоилов постигна еден помалку. Голманите имаа само 17% одбрани во текот на мечот.

 

Се вчитува...