Кил на колена: Монпелје и Фленсбург ќе водат битка за трофејот во ЕХФ Лигата на Европа

Монпелје и Фленсбург ќе ги одмерат силите во утрешниот финален меч од ЕХФ Европската лига, по двата супердраматични полуфинални дуели што се одиграа попладнево на фајналфор турнирот во Хамбург,

Монпелје како единствен негермански клуб на овој фајналфор успеа да стигне до финалето откако по голема борба го совлада Кил со минимални 32-31. Неколку дена по драматичниот триумф над ПСЖ во Купот на Франција, ракометарите на Монпелје одиграа уште еден неверојатен дуел, се вратија од „минус три“ и со голот на Хешам на пет секунди до крајот го осигураа местото во големото финале. Карлсон со осум и Хешам со седум погодоци беа најдобри стрелци во победничкиот тим, додека најефикасен кај Кил во овој пораз беше Јохансон со седум погодоци.

Фленсбург во германското полуфинале триумфираше над Мелсунген со 35-34, но дури по продолженија од по пет минути откако мечот во регуларните 60 заврши со израмнети 28-28. Мелсунген се врати од „минус три“ и се избори за продолженија, но Фленсбург сепак го најде патот до победата, со голот што во последната минута го постигна Данецот Киркелоке.

Голманот Мелер беше најзаслужен за триумфот на Фленсбург со 18 успешни интервенции, во нападот најдобри беа Јакобсен со девет и Киркелоке со шест погодоци, додека кај Мелсунген најдобар поединец беше Тимо Кастенинг со осум, пред Криштопанс со седум погодоци.

Се вчитува...