Кил на Лајпциг се загреваше за Вардар

Ракометарите на Kил на гостински терен го победија Лајпциг со 16-28 , во натпреварот од 30.коло во Бундес-лигата. Овој натпревар за избраниците на тренерот Алфред Гисласон воедно e и генерална проверка пред неделниот дуел со Вардар во Скопје, во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите во кој влогот е пласман на Ф4 турнирот во Келн.

„Зебрите“ беа доминантни против Лајпциг во текот на целиот натпревар. Посебно Кил одигра импресивно во одбраната. Решавачката предност гостите ја направија во првиот дел кога со серија од 5-0, поведоа со 4-9, а до крајот на првит дел примија вкупно девет гола и на одмор заминаа со предност од 8-14.
Супериорната игра на Кил продолжи и во вториот дел во кој со уште една серија од пет гола стигнаа и до двоцифрена предност (9-19) и обезбедија убедлива победа.

Најефикасен во составот на Кил беше Никола Билик со шест гола, а по пет гола постигнаа Никола Билик и Оле Рахмел. На голот на „зебрите“, Никлас Ландин запиша седум, а Андреас Волф додаде уште пет одбрани, од кои и еден одбранет седмерец.

Дуелот меѓу Вардар и Кил е в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот.

Се вчитува...