Кинезите не успеаја, сега Американци ќе го средуваат Милан

Кризата во Милан станува се подлабока, а навивачите губат верба дека клубот ќе застане на здрави нозе и по заминувањето на Јонгхонг Ли од управувачкото место. Кинезот не успеа да го врати долгот кон американскиот конзорциум „Елиот“ од 32 милиони евра што истекуваше на крајот од минатата седмица, по што сега токму предводниците на овој американски бизнис-фонд ќе ја преземат контролата над клубот.

Иако беше најавувано дека од „Елиот“ се заинтересирани само за препродажба на италијанскиот гигант, последните информации говорат дека тие се премислиле, па сега подготвуваат стратегија за враќање на Милан на старите патеки. Веќе се сменети и двајца директори од претходната управа, Чен Хуашан и Хенри Изабел, а во тек на формирање е нов борд на директори, во кој при самиот врв на хиерархијата ќе има место и за клупската легенда Паоло Малдини.

За навивачите сепак најважно е дали ќе успеат да се задржат најдобрите играчи од лани, но и колку пари ќе бидат обезбедени за буџет за засилувања. Уште поголем проблем е што Милан е исфрлен од УЕФА од европските купови за наредната сезона, со што ќе биде многу потешко да се привлечат квалитетни играчи во овој преоден рок.

Се вчитува...