Кире и Вујо, некогаш од иста страна, денеска ривали во Вараждин

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонија попладнево во 15.30 часот ќе излезе на мегдан со селекцијата на Катар во обид да стигне до втората победа на СП 2025. Кире Лазаров ги има максимално мотивирано своите ракометари да дадат се од себе за триумф на овој меч, а мотив плус за нашиот селектор е што на спротивната страна го има Веселин Вујовиќ.

Легендата на југословенскиот ракомет потоа имаше и успешна тренерска кариера од која значаен дел мина и во Македонија, како предводник на Вардар. Вујовиќ кратко време беше и селектор на Македонија, во 2007 година кога Лазаров беше еден од клучните играчи во националниот тим.

„Вујо е интересен лик за јавноста и за нашите навивачи, има добро минато со Македонија. Мислам дека е голем џентлмен, како што кажав доста интересен за медиумите, очекувам да биде коректен. Нека победи тој што ќе биде подобар“, истакна Кире Лазаров за дуелот со поранешниот македонски селектор.

„Вујо Мајсторе“ пред натпреварот го пофали македонскиот национален тим за очигледниот напредок во последните 12 месеци.

„Секако дека ја следам македонската репрезентација во овој период и слободно можам да кажам дека она што го прикажува овде, тоа е голем чекор кон модерниот ракомет. Начинот на кој играат, на кој трчаат и се борат, тоа е сериозен напредок. Мислам дека Кире можеби можеше да повика поквалитетни ракометари, но тој избра играчи кои се поперспективни и тоа е сосема ОК. Задоволен ќе бидам ако одиграме како што знаеме, не знам дали тоа ќе биде доволно за победа, но ако играме на највисоко ниво јас ќе сум среќен, без оглед на конечниот исход, ако загубиме ќе честитам. Тешко е да се прогнозира, но ако морам би рекол дека Македонија е благ фаворит, но во секој случај ќе биде интересно и неизвесно“, прокоментира Веселин Вујовиќ во пресрет на мечот со нашата национална селекција.

Се вчитува...