Кире Лазаров: Не вреди да плачеме, но најважно е да не ја загубиме главата во овој хаос

Кире Лазаров не го крие разочарувањето од резултатскиот неуспех на ЕП 2022, но македонскиот селектор уште еднаш ги потенцира проблемите што „црвено-жолтите“ ги имаа на овој шампионат како клучен фактор за неуспех.

Во интервју за хрватски „Индекс“, Лазаров ја спореди ситуацијата на македонската репрезентација со онаа на хрватскиот национален тим, со оглед на процесот на подмладување на репрезентацијата надополнето со корона-проблемите.

„Ние исто како и Хрватска тргнавме во процес на подмладување. Имавме позитивни ракометари пред тргнувањето на ЕП, а поради повреди останавме без тројца важни ракометари (Манасков, Марковски, Лазаров). Така, бевме натерани, сакале ние или не, да играме со децата. Имав шест играчи од по 20 години во составот, а сепак до 59. минута бевме во егал со Словенија и со Црна Гора. Сепак, не вреди да плачеме, во денешно време секој ситуацијата ја толкува на различен начин, онака како што му одговара и според тоа каде го гледа својот интерес. Најважно е да не ја загубиме главата во овој хаос, мораме да ја прифатиме ситуацијата и да гледаме кон напред“, изјави Лазаров за „Индекс“.

Воедно, македонскиот кормилар смета дека овој шампионат е нерегуларен бидејќи сите селекции со исклучок на една (Данска) имаат сериозни проблеми со коронавирусот во своите редови.

„Данците играат нависина добро. Делуваат моќно, ги минуваат сите пречки без никакви проблеми. Французите добро се држеа, но мислам дека паднаа. Сите репрезентации со исклучок на Данска имаа многу проблеми во различни моменти од шампионатот, затоа мислам дека ова првенство е чудно и нерегуларно“, прокоментира Лазаров.

Се вчитува...