Кире Лазаров отвори седум школи за ракомет ширум Македонија

Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров по успешниот проект со својот ракометен камп прави уште еден чекор напред за развојот на овој спорт во нашата земја. Имено, капитенот на националниот тим на денешната прес-конференција во Охрид објави дека отворил седум школи ширум Македонија, поточно во Валандово, Струга, Охрид, Свети Николе, Скопје, Богданци и Стојаково. Воедно, во најава е дополнително ширење на овој проект со отворање на нови школи за ракомет во останатите градови од нашата земја.

Одговорноста во секој случај е голема како и за кампот, но верувам дека како што ја оправдавме таа доверба, ќе продолжиме во ист стил со школите. Ќе бидеме трпеливи и нема многу да ветуваме, најважно ќе биде напорно да се работи. Моето искуство вели дека најзначаен е стручниот кадар, на овие деца на возраст од 10 до 20 години неопходна им е стручна работа. Сега ќе започнеме само со запишување, а наскоро во соработка и со РФМ ќе се направат и кадетски и младински селекции. Исто така, подготвени сме за соработка со сите други слични школи од нашата земја“ – изјави Кире Лазаров.

Со оглед на професионализмот на кој секогаш инсистира капитенот, нема причина за сомнеж дека и школите ќе бидат организирани на највисоко ниво, за талентот за ракомет што децата ширум Македонија го поседуваат да се претвори во квалитет.

Се вчитува...