Кире Лазаров: Прифаќам критика, имам грешки и јас, но цврсто стојам на ставот дека сме на добар пат!

ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски

Македонскиот селектор Кире Лазаров ден по поразот од Црна Гора на ЕП 2022 пред македонските медиуми со детална анализа на случувањата во нашиот табор во Дебрецин, но и визиите и идеите околу идната насока на ракометната репрезентација која ја очекува сериозно подмладување…

Идејата како треба да изгледа македонската репрезентација ја носам уште со именувањето на селекторската функција и така продолжуваме на тој пат. Вчерашниот пораз многу боли, но сакам да кажам дека тоа за кое се подготвуваме на овој европски шампионат, комплетни како што настапувавме во квалификациите, не ни успеа поради добро познатите причини како ковид-ситуацијата, повредите, итн… Не сакам да биде ова алиби, но јасно е дека не е иста оваа репрезентација без Дејан Манасков, Кире Лазаров, Стојанче Стоилов, Николче Митревски кој дојде во последен момент, без Никола Маркоски, Гоце Ојлески… И, за жал, прилагодувајќи се на ситуацијата загубивме два натпревари. Првиот го загубивме гордо, достоинствено со многу жар и борба, и можеби тоа не излажа дека можеме да дојдеме до победа над Црна Гора без многу проблеми. Но, очигледно само ја мотивиравме Црна Гора која знаеше како до целта“ – вели Лазаров и дополнува:

„Сепак, по преспиената ноќ и прегледаниот натпревар синоќа увидов дека сме на добар пат. Цврсто стојам зад тоа. Прифаќам критика и прифаќаме критика затоа што и јас имам што да им кажам на играчите. Ќе разговараме и точно ќе анализираме кој, како и зошто грешел. Но, силно верувам во нив, можеби и јас повеќе верувам од нив самите. Наша, ваша и заедничка работа е да ги убедиме дека се добро затоа што само така во иднина може да ни носат успеси“.

Околу тоа што недостасува да се дојде до посакуваниот позитивен резултат…

„Им недостасува тој победнички менталитет. Големите спортисти се раѓаат со тој менталитет, и тоа ја прави разликата. Но, спортот оди напред и во денешно време може и тоа да се вградува во психологијата. Мислам дека играме модерен ракомет, и токму тој психолошки момент вчера недостасуваше за победа. Не велам дека и јас немам грешки кои треба да се поправат, но една победа против Црна Гора можеби ќе ни направеше поголеми проблеми во иднина како залажување дека ете веќе сме го достигнале европското ниво. Но, тоа не е така…, и затоа е можеби најдобро да почнеме од нула, преку еден бараж па друг бараж за СП и така да одиме чекор по чекор“ – вели македонски селектор, притоа заокружувајќи:

„Јас сум голем оптимист секогаш. Сум имал проблеми и како играч, како селектор сигурно ќе имам уште поголеми проблеми и предизвици. Прв следен предизвик ќе ни бидат мартовски собири, и тогаш и попрецизно ќе можеме да воочиме колкава искуство за ракометарите донело ова учество меѓу најдобрите во Европа“.

Се вчитува...