Кире Лазаров: Сум немал, немам и ќе немам апсолутно ништо против селекторот Брестовац

Изјавата на капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров околу новиот македонски селектор Данило Брестовац веднаш по првиот натпревар со Исланд во Рејкјавик наиде на различни реакции во домашната спортска јавност.

Токму поради тоа Лазаров, пак, по денешниот дуел со Исланѓаните самиот желен да се расчистат некои недоумици истакна дека никогаш немал ништо против новиот македонскиот селектор.

„Јас после првиот натпревар против Исланд дадов една изјава за новиот селектор Брестовац кои некои ја сфатија негативна а некои позитивно. Јас веднаш по мечот разговарав и со Данило и тој онака човечки, навистина коректно ја прифати таа изјава иако знам дека можеби и не беше моментот токму тогаш да се каже. Но, јас настапив искрено затоа што тоа го мислам, и се уште го мислам. Јас да имам нешто против Данило немаше никогаш да го викам на моите кампови кои ги организирам. Веќе пет години постојано е дел од моите кампови затоа што максимално го почитувам како тренер. И затоа сакам сите недоумици кои ги имаме и имате да бидат засекогаш расчистени со оваа изјава. Никогаш не сум имал ништо против ниту еден селектор, така е и сега и така ќе биде во иднина. Напротив сите заедно работиме само во интерес на македонскиот ракомет“ – рече Лазаров по денешниот натпревар со Исланд.

Се вчитува...