Кире Лазаров: Учам за тренер, најмногу од Червар и од Чави Пасквал

Кире Лазаров се уште е во самоизолација откако беше позитивен на тестирање за Covid-19 во Нант. Македонскиот ас полека, но сигурно се приближува до крајот на кариерата, а речиси сигурно е дека по збогувањето од активното играње тој ќе заплови во тренерски води. Како што самиот открива во интервју за хрватскиот весник „Јутарњи Лист“, Лазаров главните совети за тренер ги добива од стратези со кои има соработувано низ кариерата, пред се од Лино Червар и од Чави Пасквал.

Дефинитивно го решив тоа. Вложувам многу во моето образование. Наскоро ќе добијам мастер лиценца за главен тренер по А лиценцата преку ЕХФ на тема „Анализа на натпреварите на Шпанија во финалето на Европското првенство 2020 година во Стокхолм”. Мислам дека по примерот од Жорди Рибера може многу да се научи. Сè оди по својот тек, не се наметнувам никому и не ми се брза. Знам што зборувам и што правам и важно е да изберам вистински момент за тоа. Мора да се има добар темел, но без надоградување нема напредок. Секој има свој стил. Јас не сум човек од конфликти. Ако тоа се појави, јас бегам од тоа. Секогаш мислам дека постои начин на кој може да го презентирам мојот став како што сакам. Многу разговарам со Лино Червар и Чави Пасквал, кои ми се големи авторитети. Кога ќе дојде време сигурно ќе знам да одберам“, вели Лазаров.

Тој открива и дека се чувствува добро и покрај тоа што е позитивен на коронавирус, трпеливо чекајќи да добие зелено светло за враќање на терените.

„Позитивен сум. Тоа беше еден од вообичаените тестови. Не мислев дека сум заразен, но тестот е позитивен. Немам симптоми, добро сум и се надевам така и останам”, истакнува најдобриот македонски ракометар.

Воедно, Лазаров ја обелодени и тајната што му овозможува и на 40-годишна возраст да биде дел од самата европска елита.

„Работам добро, тренирам, го работам она што го сакам. Тоа е мојот живот и затоа ми е лесно. Практично, се посветив на фитнесот, бидејќи годините се години што и да мисли некој. Нема да кажам дека не ги чувствувам затоа што тоа би било лага. Тренирам ракомет четири пати неделно. Здрав сум, не заостанувам физички. Имам мир околу мене, професионалец сум во секој поглед“, изјавува Кире Лазаров.

Се вчитува...