Кире Лазаров во 2021: Капитен, селектор, писател…

Кире Лазаров повеќе од една деценија наназад важи за главна ѕвезда во мак-ракометот, но токму во 2021 долгогодишниот капитен стана „алфа и омега“ на ракометната сцена, преземајќи уште неколку улоги покрај онаа капитенската во националниот тим.

Се почна со СП во Египет, каде Македонија доби вајлд-карта буквално во „пет до дванаесет“, но сонот за мундијалски настап се претвори во кошмар по катастрофалните игри и убедливите порази. Цената ја плати Данило Брестовац, а само неколку дена по неговото заминување веќе стана извесно дека негов наследник ќе биде токму Кире Лазаров.

Тоа што се уште е активен ракометар не беше никаков проблем за раководството на федерацијата, кое во Лазаров препозна долгогодишен лидер, некој кој ќе го води националниот тим напред и во иднина, како што тоа го правеше и долги години наназад во минатото. Дебито беше од соништата, во Скопје падна светскиот првак Данска, како најава за посветли денови на националниот тим.

Лазаров собра стручен тим од поранешни и сегашни репрезентативни колеги како Миркуловски, Ангеловски, Јоновски… се со цел да се состави перспективен стручен тим што ќе им биде пример на генерациите што следат. Целта беше остварена – Македонија се пласираше на ЕП 2022, а капитенот/селекторот имаше и бурно лето, како предводник на младите селекции на кои настојува уште од рана возраст да им ја наметне својата ракометна филозофија.

Во меѓувреме Кире доби нов договор во Нант, но Лазаров ги промени клупските бои кога станува збор за домашната сцена. Имено, тој излезе од проектот Голден Арт КЛ7, за летово да стане дел од новата „приказна“ во мак-ракометот, клубот Алкалоид кој веднаш уште во текот на летото потпиша договори со неколку репрезентативци.

Македонската ракометна суперѕвезда се врати и на писателски патеки, објавувајќи ја својата втора книга – „Секогаш на победа“, автобиографика во која Кире се наврати на сите периоди од својата кариера, особен акцент ставајќи на сите блескави моменти и разочарувања во дресот на националниот тим.

Годината во која беше „човек за се“ веќе е зад него, а пред Лазаров се нови предизвици во оваа 2022. Првиот ќе следи за десетина дена, кога тој како капитен и селектор ќе ја предводи Македонија на ЕП во Дебрецин. Резултатските очекувања не се толку големи како пред неколку години, но клучно ќе биде да се покаже карактер и сериозен напредок во однос на она што го видовме во Египет минатиот јануари.

Се вчитува...