Кирјос: Ѓоковиќ е нашиот Леброн, мора да внимава на своите постапки

Ник Кирјос повторно го „пецна“ и прокоментира Новак Ѓоковиќ, нагласувајќи дека Србинот мора да се однесува одговорно затоа што е пример за другите играчи. Австралискиот тенисер досега во повеќе наврати јавно го споменуваше најдобриот играч на светот, особено по Адрија Тур. Србинот неодамна беше критикуван од австралиските власти за барањето тенисерите да добијат посебен третман во пресрет на Австралија Опен, а Кирјос не ја пропушти можноста да го „пецне“ големиот ривал.

Ник вели дека играчите како Ѓоковиќ треба да бидат пример за спортистите, особено за неговите колеги – тенисери, па пред да направи нешто, секогаш треба да внимава на своите потези.

„Мислам дека е важно играчите да бидат повикани на одговорност, особено кога станува збор за некој што е лидер на нашиот спорт. Ѓоковиќ е технички нашиот Леброн Џејмс, тој мора да биде пример за сите други тенисери. Едноставно, не беше вистинското време за она што го правеше за време на пандемијата. Сите правиме грешки, но мора и да одговараме за нив. Ние мора да бидеме одговорни“, рече Кирјос.

Тениската сезона продолжува на 1 февруари со турнири во Мелбурн, а играчите во моментов се во карантин. Поради здравствени протоколи, на тенисерите не им беше дозволено да тренираат поради контакт со лица заразени со коронавирус.

„Здравјето и безбедноста се на прво место. На крајот на краиштата, станува збор само за тенис, не треба да ги кршиме протоколите заради еден турнир. Играчите знаеја што ги чека кога се согласија да дојдат. Никој нема причина да се жали“, додаде Ник.

Се вчитува...