Кјелце го претстави Карачиќ: Сакам нова титула во ЛШ

Игор Карачиќ како европски првак си замина од Вардар, а хрватскиот репрезентативец денеска и официјално беше претставен како големо засилување на Кјелце. Искусниот бек, кој пристигнува на местото на сонародникот Лука Циндриќ, не ја крие желбата и со полскиот гигант да стигне до тронот на Европа.

„Гледам на себе како на лојален ракометар, останав седум сезони во Вардар и покрај проблемите во последните години. Доаѓам и во Кјелце за да останам долго, се надевам дека и со новиот клуб ќе ја освојам титулата во Лигата на шампионите како што тоа го сторив двапати со Вардар. Сличноста е голема, главниот квалитет и на Кјелце и на Вардар е токму во тимскиот дух. Мило ми е што во тимот го имаме и Алекс Душебајев, кој ми е добар пријател од времето минато во Скопје“ – изјави Карачиќ на својата промоција.

Хрватот во новиот клуб ќе го носи дресот со број 5, што досега му припаѓаше на легендарниот полски ракометар Михал Јурецки.

Се вчитува...