Кјелце се откажа, Скубе останува во Вардар

Веќе нема никакви дилеми, Сташ Скубе и во следната сезона ќе го носи дресот на Вардар откако Кјелце повторно се откажа од намерата да го доведе Словенецот во своите редови. Сопственикот Бертус Сервас во текот на вчерашниот ден објави дека повторно почнал разговори со Скубе, но денеска тој самиот објави дека клубот донел дефинитивна одлука – да не го ангажира бекот на Вардар.

Ова е одлична вест за „црвено-црните“, со оглед на фактот дека Скубе експресно се наметна како еден од лидерите на Вардар во оваа фантастична сезона во Лигата на шампионите. Словенецот за медиумите во татковината ја истакна желбата да остане во таборот на македонскиот првак, откривајќи и дека во пресрет на фајналфор-турнирот ракометарите добиле и дел од парите што им се должат.

Јасно е, кризата на „црвено-црните“ полека, но сигурно се пребродува, а одлично е што оние играчи кои се уште под договор, покажуваат лојалност и желба да останат дел од актуелниот европски шампион.

Се вчитува...