КК Куманово доби ново раководство и потпиша со тројца кошаркари

Кошаркарскиот клуб Куманово и официјално доби ново раководство во пресрет на новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига. Александар Крстевски официјално е новиот претседател на клубот. Tој е извршен член на Одборот на директори, во кој членуваат уште десет лица, неизвршни членови: Александар Тушевски, Драган Петровски, Александар Јакимовски, Дамир Вујадиновиќ, Иван Ангеловски, Ненад Стојановски, Оливер Стефановски, Виктор Божиновски, Младен Давидовиќ и Иван Анастасовски.

Уште еден од новитетите оваа сезона во КК Куманово е назначување на Координативното тело за развој на кошарката во клубот, каде ќе има 16 члена. Моментно во него членуваат шест члена, а тоа се Славиша Станојевиќ, Дамјан Митевски, Бошко Тасиќ, Димитар Ковачевски, Драган Трајковски и Никола Вучковски. Утринава беше одржано и Собрание на акционери на КК Куманово каде е донесена одлуката за избор на новите членови на одборот на директори, усвоени се завршните сметки и финансиски извештаи за 2017 година, а биле извршени и одредени измени и дополнувања на статутот на акционерското друштво во согласност со Законот за трговски друштва.

Адем Мекиќ, Игор Пенов и Миодраг Тодоровиќ, денеска потпишаа договор со кошаркарскиот клуб Куманово, со што Куманово официјално започна со креирање на ростерот за новата сезона.

 Во спортската сала, на прес – конференцијата се обрати новиот претседател на клубот, Александар Крстевски – Крсто, тренерот Александар Петровиќ и тројцата кошаркари.

„Денеска сме тука да ги претставиме новите кошаркари на тимот, Мекиќ, Пенов и Тодоровиќ а Бане Ѓекиќ и Мирко Ковач ќе останат во тимот и следната сезона, со што имаме добар костур на тимот кој ќе го надополниме со млади домашни кошаркари. Приоритет на новата управа е реновирање на Спортската сала како и зајакнување на младинските категории. За таа цел ќе биде вклучен и интернатот во Куманово со што ќе имаме можност за доведување на млади таленти од регионот“ – изјави Крстевски.

Се вчитува...