КК Куманово: Сакаме да играме АБА2 или Еврокуп

По успешната сезона во која КК Куманово стигна до четвртфиналето на домашната сцена и втората фаза од разигрувањето во БИБЛ лигата, управата на тимот размислува за нов предизвик во Европа, а како опции се јавуваат АБА2 лигата или Еврокупот на ФИБА.

Кумановци веќе имаат искуство со играње во натпреварувањето на ФИБА во сезоната 2015/16 во кое се појавија како вицешампиони на Македонија и се најдоа во групa со Турк Телеком, Роса Радом и финскиот клу КТП, но забележаа само една победа.

Покрај тоа „сино-белите“ во следната сезона се очекува да се вратат и во спортската сала Куманово откако поради реновирање на истата, неколку сезони настапуваа во „Перо Наков“.

„Со реновирањето на Спортската сала во Куманово и успешно завршената претходна сезона КК Куманово размислува да учествува во Еврокупот или АБА2 лигата. Управата на клубот ќе донесе конечна одлука до средина на јули, период во кој ќе се знае и ростерот на тимот“, стои во соопштението на КК Куманово.

Куманово е петтиот тим кој изразува желба за настап на интернационалната сцена следната сезона. Прв тоа го најави ТФТ во интервјуто за ЕКИПА, денеска на прес-конференцијата на Работнички беше потврдено учеството во АБА2 следната сезона, желба изрази и Еуро Никел, а МЗТ Скопје сеуште нема одлучено дали покрај АБА2 ќе настапува во Лигата на Шампионите.

 

Се вчитува...