КК Пелистер: Видиќ е привремено решение, Илиевски се враќа на клупата за наредната сезона

Раководството на Пелистер ја потврди информацијата дека Србинот Небојша Видиќ ќе го предводи овој тим до крајот на сезонава, како привремена замена за Марјан Илиевски, кој поради здравствени проблеми не е во можност да седи на клупата на битолчани.

Сепак, „пелистерци“ потенцираат дека Илиевски ќе се врати на кормилото за наредната сезона, за која тој има и валиден договор со клубот.

„КК Пелистер ја информира јавноста дека заради здравствените проблеми на тренерот Марјан Илиевски, принудена е да доведе нов привремен тренер на екипата. Српскиот стручњак Небојша Видиќ ќе го води тимот во плеј-офот. Тој веќе се запозна со екипата и го одработи првиот тренинг. Клубот потенцира дека, како што е предвидено и според договорот, Марјан Илиевски ќе се врати на подготовките и ќе ја води екипата во сезоната 2021/22. На тренерот Илиевски му посакуваме успешно заздравување, а на тренерот Видиќ успешна работа“, се вели во соопштението на битолскиот клуб.

Пелистер веќе в среда ја почнува полуфиналната серија од плејофот, на домашен терен против актуелниот шампион МЗТ Скопје.

Се вчитува...