КК Работнички: Проблемите се административни и ќе бидат решени во најбрз можен рок

Македонскиот најтрофеен кошаркарски клуб, Работнички го претрпе четвртиот пораз во сезоната откако загуби на гостувањето кај Еуро Никел во 10. коло со 95-77. „Црвено-белите“ на мечот во „Јасмин“ настапија без странските засилувања, а по објавите за штрајк на интернационалците поради неисплатени долгови клубот излезе со соопштение во кое вели дека проблемите се административни и истите ќе бидат решени во најбрз можен рок.

Соопштението на КК Работнички ви го пренесуваме во целост:

„Кошаркарите да не подлегнуваат на влијанија, сите заостанати побарувања ќе се исплатат.

Најтрофејниот кошаркарски колектив во државата, КК „Работнички“, ја информира јавноста дека платите на играчите ќе бидат исплатени во најбрз можен рок. Ова известување доаѓа по објавите во одредени спортски медиуми за наводен штрајк и неиграње на четворицата странски кошаркари во составот на клубот на гостувањето во Кавадарци, кај Еуро Никел. Пролонгирање на исплатата на платите на играчите и стручниот штаб се должи пред сѐ на административни работи во Општина Центар, односно на промената на општинското раководство и новиот состав на Советот, како и формирањето на комисиите и телата на општинскиот Совет.

Со почит КК Работнички“

Oстанува нејасно од каде реакцијата на управата на клубот за „наводен штрајк и неиграње на четворицата странски кошаркари“, нешто што дефинитивно се случи, Работнички настапи само со домашни играчи, странците беа во ростерот, но воопшто не влегоа во игра, и затоа „црвено-белите“ претрпеа убедлив пораз. Признавањето на долговите и пролонгирањето на исплатата е само потврда на вистинитоста на информацијата за неиграњето на странците.

Затоа, наместо да трошат време на соопштенија што се „ветер и магла“, за „центарци“ најдобро би било што поскоро да си ги решат проблемите со кои се соочуват и да го вратат клубот на посакуваните патеки.

Се вчитува...