Актуелниот македонски вицешампион Маџари влегува во новата сезона ребрендиран со ново име, КК Скопје, со амбиции повторно да биде дел од елитното натпреварување.
Новиот тренер, поранешниот македонски селектор Марјан Илиевски, влегува во овој предизвик со целосно променет ростер, но и со желба КК Скопје сериозно да напредува на организациски план, а тоа да се одрази и позитивно на резултатите на екипата на теренот.
„Почнавме во период, можеби малку задоцнет поради она што значи почеток на сезоната. Поради намалувањето на бројот на странски играчи беше отежнато формирањето на ростерот, од самиот почеток на подготовките имавме промена на еден странски кошаркар, доведовме нов кошаркар на негово место. Домашните играчи се повеќето помлади со исклучок на капитенот Младеновиќ, кој долги години е дел од домашното првенство. Она што се очекува од овој тим, да даде една енергија, на некој начин така и се селектирани, без разлика на искуството, да играме кошарка полна со енергија. Очекувањата, управата и тренерот секогаш сакааат исто – највисок пласман, но тоа не секогаш значи како што си ја завршил сезоната, да мораш да повториш на исто ниво. Она што се направи ланската сезона, користам простор бидејќи индиректно бев вклучен, да се заблагодариме за сите што дадоа придонес за резултатот на новата сезона. Со новото име, што го одбележува целиот град, но има и свое минато и спортски дух во општина Гази Баба, сите влегуваме максимално ентузијастички, да се направи нешто што ќе трае. голема благодарност до сите членови на управниот одбор. Минатата сезона на паркетот бевме подобри отколку во управниот дел, сакаме во новата сезона тоа да го изедначиме, па дури и во управата да сме уште поквалитетни како клуб отколку самите резултати на терен. Нема да дозволиме да се разочарамее ако имаме некој лош резултат, напротив, веруваме дека овој проект може на крајот да го донесе посакуваниот ефект“, изјави Илиевски на денешната прес-конференција.
„Мислам дека иницијативата за помал број на странци доаѓа во незгоден период за тренерите и за управата бидејќи потешко се создава тим, потешко се преговара со домашните играчи. Кога разговарам вака, сите велат ќе биде израмнета лигата, јас лиично не можам да кажам бидејќи израмнетоста може да биде не во квалитет, туку во неквалитет. Но, од друга страна тоа е голем мотив за овие кошаркари кои се сега да ги подобриме, тоа е она што сега ќе се суди кај тренерите. Од сам старт ќе кажам дека КК Скопје веќе е на чекор напред со самото што како управата го обезбеди. Ние како Скопје можеби можеме да ги победиме најдобрите на хартија, но и да се мачиме со оние што на хартија се аутсајдери“, додаде поранешниот македонски селектор.
Новиот претседател на клубот, Боро Атанасовски, најави дека клубот планира еден развој на подолг рок, а во иднина акцент ќе биде ставен и на младинските категории.

„ Имаме нов управен одбор, клубот е ребрендиран во КК Скопје за да имаме поддршка од целиот град, би го зголемиле интересот да доаѓаат на уште поквалитетни кошаркарски натпревар. Мораме да ја креваме организациската и спортската структура во клубот, тие две работи се врзани и не може да се разделат, ако не направиме база за во иднина, во иднина да ги развиваме и младинските категории покрај првата екипа, тогаш тешко дека ќе направиме македонски играчи за во иднина. Мојата цел не е само да се натпреваруваме во нашата лига, туку и да создаваме кошаркари кои во иднина би биле база на КК Скопје. Верувам дека со овој состав на управен одбор ќе ги реализираме зацртаните цели. Јас ја следам кошарката цел живот, од толкава промена на играчи јасно е дека е тешко да предвидите како сето тоа ќе заврши на крајот. Првите две три кола ќе покажат каде се екипите и тогаш ќе дадеме подобар суд каде е македонската кошарка во однос на лани. Наша цел е да почнеме од база, од создавање услови, за да може да се стигне до резултати. Нема да биде страшно и ако не стигнеме до финале како лани, но да израснеме како клуб. Желба ни е да има повеќе клубови кои ќе бидат сериозни колективи“, истакна претседателот на КК Скопје, Боро Атанасовски.
„Оваа година продолжуваме со приказната што ја почнавме лани, верувам дека мораме да ја надградиме, да бидеме уште подобри. Лани бевме нов клуб, многумина не веруваа во нас, ние го докажавме спротивното на терен. Нашите амбиции се да сме во горниот дел од табелата. Во врска со играчкиот ростер, имаме целосно променета екипа, со нов тренер, ние како управа помагаме за играчите да имаат максимални услови, да имаме повторно одлични резултати и да продолжиме во исто темпо. Мое лично мислење е дека сезонава ќе имаме подобра екипа од лани, се надевам и резултатите ќе бидат уште подобри“, изјави спортскиот директор Далибор Доневски, кој додаде и дека влезот за првиот меч на сезоната, в недела во 18 часот против Кожув, ќе биде бесплатен (недела 18 часот, сала „Јане Сандански“).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
