Кливленд го освои Бостон, повторно царува на „истокот“

Кливленд повторно е лидер на Источната конференција откако актуелниот шампион славеше во дерби-дуелот со Бостон, и тоа на гостински терен со убедливи 23 поени разлика (91-114). Втората четвртина во која Кливленд постигна 38 поени (22-38) беше клучна бидејќи гостите стигнаа до убедлива предност по која не му дозволија Бостон посериозно да се приближи. Леброн Џејмс одигра фантастичен меч со 36 поени, 10 скока и 6 асистенции, Кајри Ирвинг учествуваше во победата со 19 поени, додека најдобар стрелец кај Бостон беше Ајзеа Томас со 26 поени.

Хјустон славеше со 110-104 над Денвер, пораз што повторно ги оддалечува нагетси од осмото место и учество во плејофот. Гостите се вратија од голема негатива и преку Јокиќ стигнаа на само два поени разлика (103-101), но Џејмс Харден постигна тројки на една минута до крајот, носејќи им ја победата на „ракетите“, кои си го осигураа третото место на „западот“ во плејофот.

„Број еден“ во западната конференција ќе биде Голден стејт, откако „воините“ ја забележаа и 13. победа во низа, овојпат на гостувањето против Феникс со 111-120. Стеф Кари погоди осум тројки за вкупно 42 поени, а Клеј Томпсон беше стрелец на 22 поени за актуелниот вицешампион.

Резултати НБА:

Шарлот – Мајами 99-112, Детроит – Торонто 102-105, Бостон – Кливленд  91-114, Хјустон – Денвер 110-104, Мемфис – Оклахома 100-103, Сан Антонио – ЛА лејкерс 95-102, Феникс – Голден стејт 111-120, ЛА клиперс – Далас 112-101.

Се вчитува...