Кливленд најверојатно нем да го стартува плејофот како прв носител во Источната конференција откако актуелниот шампион синоќа загуби уште еден натпревар на продолженија, овојпат во Мајами со 124-121. Кавси настапија без Леброн Џејмс и Кајри Ирвинг, па дури и без двајцата најдобри кошаркари беа близу до триумф над незгодниот ривал. Третата четвртина заврши со водство на Кливленд од 70-81, но Мајами заигра далеку подобро во последните 12 минути, го одведе мечот во продолжение, а таму конечно успеа да го скрши отпорот на шампионот.
Хасан Вајтсајд имаше 23 поени и 18 скокови за Мајами, кој останува во игра за осмото место на „истокот“, за што ќе му биде неопходна победа на последниот меч против Вашингтон, но и пораз на Индијана или на Чикаго.
Бостон го искористи „киксот“ на Кливленд, па со победата над Бруклин селтиски сега се осамени на врвот на табелата во Источната конференција. „Зелен0-белите“ триумфираа со 114-105, а најефикасни во редовите на Бостон при најновата победа беа Ајзеа Томас со 27 и Ал Хорфорд со 19 поени.
Голден стејт неочекувано загуби на домашен терен од Јута со 99-105, со што беше прекината серијата од 14 победи на „воините“. Стеф Кари постигна 28 поени, но кај Голден стејт се почувствува неиграњето на Томпсон, па Јута стигна до значајна победа со која „џезерите“ ја продолжуваат битката со ЛА клиперс за четвртото место на „западот“.
Резултати НБА:
Филаделфија – Индијана 111-121, Бостон – Бруклин 114-105, Мајами – Кливленд 124-121 (по прод.), Чикаго – Орландо 122-75, Милвоки – Шарлот 89-79, Детроит – Вашингтон 101-105, Портланд – Сан Антонио 99-98, Голден стејт – Јута 99-105, ЛА клиперс – Хјустон 125-96.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА