Кливленд со „метла“ за Индијана до полуфинале

Кливленд кавалирс е првата екипа што обезбеди пласман во конференциско полуфинале во плејофот од НБА-лигата откако актуелниот шампион славеше со убедливи 4-0 во серијата против Индијана. Иако кошаркарите на Индијана во сите четири средби беа близу до победа, тие ниту еднаш не се израдуваа на триумф во оваа плејоф-серија, губејќи го и денешниот втор меч на домашен терен со 102-106.

За разлика од претходниот меч во кој Индијана прокоцка огромна предност, овојпат Кливленд беше тимот што во поголемиот дел од натпреварот ја контролираше играта, како и резултатот. Актуелните прваци влегоа во последната четвртина со предност од единаесет поени, на шест минути до крајот водеа со 83-96, но домаќините се разбудија, па дури и стигнаа до минимално водство. Сепак, Леброн Џејмс одговори со тројка, го врати Кливленд во водство и се погрижи гостите да ја задржат предноста до самиот крај.

„Кралот“ Џејмс го заврши натпреварот со 33 поени и 10 скокови, Кајри Ирвинг постигна 28, а двоцифрен ефект кај Кливленд имаше само уште Дерон Вилијамс со 14 поени.

Се вчитува...