Преговорите за трансферот на Тијаго Алкантара во Ливерпул влегуваат во завршна фаза откако Јирген Клоп дал зелено светло за пристигнување на шпанскиот плејмејкер на „Енфилд“. Трансферите во актуелниот европски првак ги договара „трансфер-комитет“ составен од три лица, но за доаѓањето на секој нов играч неопходен е и „амин“ од Клоп. Токму германскиот стратег бил „кочницата“ во преговорите за Тимо Вернер, но кога станува збор за Тијаго, Клоп е убеден дека овој фудбалер може да му помогне да ја крене играта на Ливерпул на уште повисоко ниво.
Шпанскиот интернационалец ги има начелно договорено условите за тригодишен договор со „црвените“, а со зеленото светло од Клоп сега ќе се влезе во завршна фаза од преговорите меѓу клубовите. Првата понуда на Ливерпул од 25 милиони евра била одбиена, бидејќи Баерн бара 40 милиони евра. Сепак, фактот дека Тијаго има само уште една година од договорот со баварскиот гигант ќе ја спушти неговата вредност, па се очекува двете страни да постигнат договор за околу 30 милиони евра, плус клаузули.
Се очекува Ливерпул да ги покрие овие пари од продажбата на Марко Грујиќ, кој е блиску до потпис со Херта откако воодушеви со добри игри при позајмицата во берлинскиот бундеслигаш минатата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА