Клоп и Ковач во трка по засилување од 100 милиони евра

Ливерпул е невообичаено тивок на фудбалскиот пазар летово, но повеќе од јасно е дека Јирген Клоп ќе ангажира најмалку едно звучно засилување за да се обиде во новата сезона да го симне Манчестер Сити од премиерлигашкиот трон. „Црвените“ се во потрага по врвен офанзивен фудбалер, а според шпанските медиуми на врвот на листата на Клоп се наоѓа ас на Барселона.

И тоа не Филипе Кутињо, како што беше пишувано во изминатите 48 часа, тука Осман Дембеле, играч за кого стратегот на „црвените“ има исклучително високо мислење. Најавите дека Барса во текот на летово ќе ги ангажира Гризман и Нејмар го прават Дембеле прекуброен во тимот на каталонскиот гигант, а Клоп е подготвен да понуди 100 милиони евра за да го доведе брзоногиот Французин на „Енфилд“.

Покрај Клоп, сериозен интерес за овој фудбалер покажува и Нико Ковач, кој сака да го доведе Дембеле во Баерн. На хрватскиот стручњак му станува јасно дека Лирој Сане не сака да се пресели во Минхен, а Дембеле е „Планот Б“ кога станува збор за потрагата по наследник на Франк Рибери. Барса е подготвена да го продаде поранешниот ас на Борусија Дортмунд, но останува да се види дали тоа ќе биде во Ливерпул, Баерн или некој трет клуб.

Се вчитува...