Клоп: Јас бев меѓу првите за ВАР, но ова веќе загуби смисла

Дуелот со Митјиланд беше апсолутно незначаен за Ливерпул бидејќи првото место беше осигурано, но Јирген Клоп по мечот повторно се пожали на ВАР-технологијата. Конкретно, на стратегот на „црвените“ му пречеше предолгото време што им требаше на ВАР-арбитрите да донесат одлука при три спорни ситуации во второто полувреме.

Најпрвин, Митјиланд израмни од пенал што беше доделен по ВАР, потоа на Данците им беше поништен гол што можеше да им донесе победа, за во самиот финиш да биде поништен и погодокот на Минамино.

„Многу време им требаше, дури и премногу по мое мислење. Ги гледав играчите како стојат на теренот и не прават ништо, само смрзнуваат додека некому му треба многу време за да донесе одлука. Можеби беа во право, можеби не, но не може на ваков начин да се нарушува темпото на натпреварите, со по повеќеминутни паузи за секоја спорна ситуација. Да бидам искрен, јас бев меѓу првите за ВАР, верував дека технологијата ќе биде од помош за фудбалот, но ова веќе загуби смисла“, истакна Клоп.

Се вчитува...