Клоп: Мило ми е што Сити ќе игра во ЛШ

Јирген Клоп на денешната прес-конференција во пресрет на дуелот со Арсенал се осврна и на одлуката на ЦАС, откако Спортскиот суд во Лозана ја поништи казната на Манчестер Сити, давајќи зелено светло за тимот на Пеп Гвардиола и во следната сезона да се натпреварува во Лигата на Шампионите. Голем дел од фудбалската јавност жестоко ја критикуваше ваквата одлука, нарекувајќи ја „крај на финансискиот ферплеј“, но Клоп смета дека за него и за Ливерпул е добро што Манчестер Сити и догодина ќе биде дел од ЛШ.

„Мило ми е што Сити ќе игра во Лигата на Шампионите. Ако не играа во Европа, ќе имаа 12 средби помалку од нас и можност одморени да влегуваат во секој меч, па со тимот што го имаат сигурно ќе се прошетаа до титулата. Затоа, ми е мило што ќе ги гледаме во ЛШ. Севкупно гледано, вчерашниот ден не беше добар за светскиот фудбал. Финансискиот ферплеј е добро правило, донесено за да ги штити интересите на клубовите и да обезбеди еднаквост. Ќе видиме што ќе се случува со него во иднина“, истакна Клоп.

„Црвените“ утре му гостуваат на Арсенал, а на тимот на Клоп му се неопходни максимални девет бода во преостанатите три средби (против Арсенал, Челси и Њукасл) за да го урне рекордот на Манчестер Сити за најмногу освоени бодови во една ремиерлигашка сезона.

Се вчитува...