Клоп: Не го „хејтајте“ Фирмино затоа што Жота игра добро

Ливерпул одигра супериорен меч во Бергамо и ја декласираше Аталанта со преубедливи 0-5, а три од петте погодоци беа дело на Диого Жота. Португалецот за првпат стартуваше во формација 4-3-3 крај Мане и Салах и веднаш се наметна како извонреден голгетер, ставајќи го Јирген Клоп во сериозна дилема при изборот на напаѓачи за претстојното дерби со Манчестер Сити. Сепак, германскиот стручњак јасно стави до знаење дека не му се допаѓа што добрата форма на Жота предизвика да се почне со критики на адреса на Роберто Фирмино, кој игра во слаба форма од стартот на сезонава.

„Жота игра во одлична форма и сите сме среќни поради него. Сепак, тоа не значи дека треба да се фрла со дрва и камења по играч со околу 500 одлични настапи за клубот. Ние немаше ниту да играме во Лигата на Шампионите ако го немавме Боби Фирмино во тимот. Многумина ме прашуваат што го прави Ливерпул толку посебен, јас би рекол затоа што Фирмино игра и дава се од себе на секој меч, дури и кога не постигнува голови. Затоа, не треба сега да се „хејта“ Бразилецот затоа што некој сега е во добра форма, бидејќи на крајот говориме дека најважно е тимот да игра добро и да победува“, истакна Клоп по мечот.

Ливерпул има удобна предност на врвот на групата во ЛШ со максимални девет бода иако веќе гостуваше и во Амстердам и во Бергамо, притоа не примајќи ниту еден погодок.

Се вчитува...