Клоп: Не ми треба Харт, имам врвни голмани во Ливерпул

Јирген Клоп веќе најави дека планира да ангажира голем број на засилувања за наредната сезона, но стратегот на Ливерпул нема намера да прави промени на голманската позиција, каде е задоволен од Симон Мињоле и Лорис Кариус. И двајцата голмани примија наивни голови во текот на сезонава, но Клоп има верба во нив, па во изјава за весникот „Мирор“ децидно ги отфрли гласините дека е сериозно заинтересиран да го доведе на „Енфилд“ англискиот репрезентативен чувар на мрежата, Џо Харт.

Секој голман знае да прими почетнички гол, без исклучок. Тоа е судбината на голманите, но ако гледаме севкупно, јас сум задоволен од она што го имам на расплагање. Работат напорно на тренинзите и бранат добро на поголемиот дел од натпреварите. Покрај Мињоле и Кариус го имаме и искусниот Алекс Манингер, кој е неверојатен професионалец, како и младиот Ворд, кој е голем талент и се наоѓа на позајмица во Хадерсфилд. Навистина не гледам потреба да тргнуваме по нов голман во текот на летото, без разлика дали говориме за Џо Харт или било која друга опција. Ливерпул ќе се засилува, но не и на голманската позиција“ – истакна Клоп.

„Црвените“ утре ќе го пречекаат Барнли во рамките од Премиер-лигата, меч за кој Клоп ќе ги нема на располагање Хендерсон и Стариџ, а крајно неизвесен е и настапот на Фирмино.

Се вчитува...