Клоп: Не му вредеше на Порто да го копира Брентфорд

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп не го криеше задоволството по убедливата победа на неговиот тим во Порто. Ливерпул покажа сила во дуелот со Порто по драматичното реми со Брентфорд (3-3) во Премиер лигата.

„Црвените“ беа уште поубедливи отколку во 2019 година, кога славеа со 4-1 во нокаут фазата на истиот стадион.

„Прво, најважен е резултатот. И ова е навистина голема победа во Порто. И не само победата, туку и начинот на игра. Имавме многу добри моменти на овој натпревар. Се чинеше дека Порто го анализирал нашиот последен натпревар со Брентфорд, но ние покажавме поинакво темпо на игра“, посочи Јирген Клоп.

Германскиот стручњак потенцираше дека за ваквиот исход одлучил добриот почеток што го наметнале неговите фудбалери.

„Головите што ги постигнавме во првото полувреме можеби не беа особено убави, но беа исклучително важни. Ни помогнаа да ја контролираме играта во продолжението од натпреварот. Знаевме дека Порто има проблеми во одбраната. Еден дефанзивец имаше црвен картон, додека Пепе не можеше да игра. Знаевме како да го искористиме тоа“, истакна задоволниот Јирген Клоп.

Менаџерот на Ливерпул додаде дека по интернационалната пауза ќе следи дуел со Атлетико Мадрид и дека дотогаш ќе има време да се опорават некои повредени играчи.

Се вчитува...