Јирген Клоп доведе неколку значајни засилувања во тимот на Ливерпул, па „црвените“ сега се погласно се посочуваат како главни ривали на Манчестер сити во трката за титулата. Германскиот стратег е свесен за таквиот случај и најавува жестока битка, но истовремено и потенцира дека „граѓаните“ на Пеп Гвардиола остануваат главни фаворити за шампионскиот трофеј.
„Моите лични очекувања секогаш се високи, победа на секој натпревар и освојување на трофеи. Ни требаше време да составиме екипа способна да се носи со притисокот што го носи Премиер-лигата и го сторивме тоа, но дали ќе биде доволно дополнително ќе видиме. Ќе ни треба и повеќе среќа од лани, повеќе реализирани шанси на клучните натпревари, поголема агресивност… сите сме свесни дека можеме да поправиме многу работи во однос на ланската сезона. Се говори за нашите засилувања, а Сити го задржа целиот тим, плус го донесе Марез, што значи дека ќе биде посилен. Борбата ќе продолжи, но Ливерпул се уште е Роки Балбоа, а Манчестер сити е Иван Драго“ – истакна Клоп.
Ливерпул в недела во 14.30 часот во првото коло ќе го пречека тимот на Вест хем, додека Манчестер сити уште на стартот од сезоната има дерби дуел, на гостински терен против Арсенал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА