Клоп пак го реши Гвардиола – Ливерпул е во полуфинале

Ливерпул е англискиот претставник во полуфиналето од ЛШ откако „црвените“ славеа и на вториот дуел од двомечот со Манчестер сити, овојпат на гостински терен со 1-2. Јирген Клоп продолжи да доминира во пресметките со Пеп Гвардиола, додека каталонскиот стратег заработи и црвен картон, поради жестоките критики кон судиите упатени на паузата меѓу двете полувремиња.

Сити има за што да жали пред се поради фуриозното прво полувреме во кое домаќините целосно доминираа, но остигнаа само еден гол. И тоа во втората минута преку Габриел Хесус (на додавање на Стерлинг), погодок што им даде крилја да одиграат во највисоко можно темпо. Немаа среќа кога Силва го погоди дирекот, но беа и оштетени откако регуларниот гол на Сане беше поништен поради офајд, иако топката до Германецот не дојде од негов соиграч туку од Милнер.

Гвардиола беше бесен, па мораше второто полувреме да го следи од трибините, а советите на Клоп на паузата дефинитивно вродија со плод. Ливерпул полесно ја задржуваше топката на средината од теренот, а потоа и отвораше простор за брзоногите офанзивци. По една таква акција на вистинското место се најде Салах, кој мајсторски ја смести топката во мрежата. Домаќините беа во шок, не успевајќи да најдат начин да се вратат во мечот. Напротив, една грешка на Отаменди му овозможи на Фирмино да се најде во зицер-ситуација, а Бразилецот покажа дека е голгетер од светска класа мајсторски пласирајќи ја топката во долниот агол од голот на Едерсон, за точка на мечот и конечни 1-2.

Се вчитува...