Јирген Клоп го заврши својот мандат во Ливерпул и сега само се чека кој ќе биде неговиот следен ангажман. Поранешниот англиски репрезентативец, а сега стручен коментатор Гери Линекер тврди дека добил информација дека следната работа на славниот Германец нема да биде тренерска.
Клоп го водеше Ливерпул од 2015 година. За време на неговиот мандат, тој му донесе осум трофеи на клубот, вклучувајќи ја и првата титула во Премиерлигата во 2020 година, односно прва во англискиот шампионат од 1990 година. „Црвените“ станаа шампиони на Европа во 2019 година, по 15 години чекање.
Германскиот стручњак ги освои сите натпреварувања во кои го водеше Ливерпул, освен Лигата на Европа каде што го загубија финалето од Севилја во 2016 година. Пред Ливерпул беше тренер на Борусија Дортмунд со која од 2008 година до неговото заминување освои пет трофеи, меѓу кои и две во Бундеслигата.
Дортмунд може да биде негова следна дестинација, но не како тренер.
„Мислам дека Клоп прво ќе одмори, му верувам кога ќе каже дека е исцрпен. Во годините што следат, клубовите ќе стојат во ред со надеж дека ќе го ангажираат. Слушнав дека Клоп може да стане директор на Борусија Дортмунд. Тоа би било одлично“, изјави Линекер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА