Клубовите без лиценца имаат право на жалба, но мора да ги платат долговите

„Земјотрес“ во спортската јавност предизвика денешното соопштение од куќата на кошарката, во кое федерацијата објави дека три од актуелните суперлигаши, Маџари, ТФТ и Чаир, не добиле лиценци за натпреварување во сезоната 2026/27 поради долговите кои ги имаат кон федерацијата.

МКФ уште пред неколку месеци го претстави новиот лиценцен систем во кој јасно стави до знаење дека планира да воведе финансиска дисциплина и веќе нема да толерира доцнење на исплатите кон федерацијата. Во тој правец, беше направен и максимално коректен чекор – понуден значителен попуст од 40% за покривање на долговите до средината на месец мај, но ниту таа опција ниту апелите во последните триесетина дена не вродија со плод – што на крајот резултираше со денешната одлука за нелиценцирање на должниците.

Согласно правилата и прописите, клубовите кои не добија лиценци ќе имаат седум дена да поднесат жалби до апелација. Во тие жалби ќе треба да се наведат причините зошто се доцнело со исплатата, но она што е суштински најважно – ќе мора да се исплатат долговите бидејќи прва точка од новиот правилник за лиценцирање е токму за немање долгови на клубовите кон федерацијата.

„Сметаме дека покажавме и трпение и добра воља за сето ова да биде надминато. Клубовите беа запознаени за роковите уште пред неколку месеци, знаеја и за поволностите што ќе ги добиеја во облик на попусти при неколку рокови за плаќање и сепак долговите останаа. Децидно порачавме дека финансискиот ферплеј е нешто на што ќе инсистираме, нешто зад што цврсто стоиме“, порачуваат од куќата на кошарката.

Останува да се види дали трите отпишани клубови ќе поднесат жалби, што е многу веројатно, но и каков ќе биде одговорот на Апелација.

Доколку Супер-лигата се намали од 10 на 7 клубови, федерацијата ќе има право да одлучи за доделување на суперлигашка лиценца на клуб што според ланскиот пласман годинава не треба да се најде во елитното друштво.

Неофицијално, Соколи Штип е клубот што покажува сериозни амбиции за влез во Супер-лигата, со нов тренер и искусни засилувања, но за реализација на овие најави најпрвин ќе треба да се почека на исходот од жалбите на Апелациската комисија при МКФ.

Се вчитува...