Клубовите, како никогаш досега, обединети во тагата: Вардар, Шкендија, Тетекс, Гостивар… во „црно“ по големата трагедија

Македонските фудбалски клубови, како никогаш досега, обединети во тагата по големата сообраќајна несреќа која вчера се случи во Македонија, на автопатот Скопје – Тетово, а во која животот го загубија 14 лица.

Вардар, Шкендија, Гостивар, Тетекс…, но и безмалку сите домашни прволигашки и второлигашки фудбалски екипи искажаа сочувство до семејствата на загинатите лица, а посакувајќи и брзо закрепнување на сите повредени.

„Тажни моменти за Македонија. ФК Вардар изразува искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите 14 лица во вчерашната несреќа на патот Скопје – Тетово. На повредените од несреќата им посакуваме успешно закрепнување“ – се вели во сочувството од најтрофејниот македонски клуб.

Силни изрази на сочувство искажаа и од Работнички, Ренова, Академија Пандев, Беласица, Македонија ЃП, Победа, но и речиси сите домашни второлигаши Тиквеш, Борец Велес, Кит Го – Пехчево, Струга Трим Лум, Лабуништа, Пелистер.

„Фудбалскиот клуб Работнички сочувствува со семејствата на жртвите од трагичната сообраќајна несреќа што се случи на патот Скопје – Тетово. Ја споделуваме тагата за загубените животи и на повредените им посакуваме побрзо опоравување. ФК Работнички стои на располагање за секаква помош која им е потребна на семејствата и на институциите во овие тешки моменти“ – пишува во своето соопштение ФК Работнички.

Во вчерашната стравична автобуска сообраќајна несреќа кај Ласкарци загинаа 14 лица, а 37 лица се  повредени од кои седуммина се во критична состојба.

Дел од нив, по првичната лекарска интервенција, се пуштени на домашно лекуввање, а останатите се задржани во болница, но не се во животно загрозувачка состојба.

Со одлука на Владата на РМ денеска и утре во Македонија се прогласени денови на жалост.

Се вчитува...