Клубовите не се едногласни – во Македонија ќе се игра кошарка

Кошаркарските прволигаши во Македонија не се едногласни по ставот за бојкот на Купот на Македонија и домашниот шампионат, како што беше претставено со последното соопштение на Здружението на прволигаши што беше испратено до јавноста во текот на денешниот ден.

Клубовите од Прва лига мажи кои имаат уплатено средства за регистрација на странски играчи по таксите утврдени од страна на МКФ, во целосно го поддржуваат овој заклучок“ – беше наведено во последната точка од соопштението на кошаркарските прволигаши.

Не минаа ниту 24 часа, а веќе станува јасно дека воопшто не станува збор за едногласен став меѓу клубовите, сосема очекувано со оглед на фактот дека шест од нив си ги имаат исплатено целосно своите обврски, за кои четири прволигаши се суспендирани од страна на МКФ.

Вардар, клубот кој инсистира на создавање на македонски кошаркари, категорично е против ваквиот став на Здружението кој сигурно не е заеднички на сите прволигаши.

Пред се тука е направена една голема забуна. Закажан е состанок на Здружението, за кој немаше кворум, па откако нашиот претставник што беше таму си замина, за потоа тие пак да се соберат и да се јават со став што го претставуваат како заеднички. Ставот на Вардар е јасен и дециден – ние сме за играње кошарка и затоа веќе го закажавме претстојниот натпревар од Купот на Македонија против Пелистер, што на програмата ќе биде утре“ – изјави Владо Воиновски, претседател на Вардар.

Охриѓани, кои од оваа сезона се натпреваруваат во првата лига, го делат ставот со Вардар и се децидни во одлуката да ги играат следните натпревари.

Некои работи нам ни се нејасни, но очигледно е дека нема ист аршин за сите клубови. Ние немавме претставник вчера на состанокот на Здружението на Прволигаши и не се согласуваме со дописот кој беше во најмала рака смешен. Нашите долгови кон федерацијата се подмирени и нема причина зошто ние да не играме. Можеби сме новајлии во Првата лига, но сите обврскиси ги исполнивме. Ние сме клуб кој е финансиран само од едно лице и со вакви потези ние можеме да го оттргнеме од нас. До некаде вината ја гледам во федерацијата. Да погледнеме наназад, оваа расправија не е од синоќа, туку уште од август кога почнаа првите разговори за зголемување на лиценците. Потоа следеа бројни состаноци и собранија, но сè беше залудно бидејќи од 20 клубови кои викаа дека сакаат да го сменат претседателот 17 изгласаа за негова доверба што е тотално нејасно. Има револт кај нас бидејќи сакаме да го ставиме Охрид на кошаркарксата мапа на Македонија, но некој се обидува да нè спречи во тоа“ – истакна спортскиот директор на Охрид, Марјан Бошале.

Работнички како еден од клубовите кои исто така ги имаат подмирено своите долгови кон федерацијата е подготвено да продолжи со првенството. Тимот од „Градски парк“ на состанокот најавил дека ќе покаже солидарност и ќе се согласи со секоја одлука ако таа е едногласна, но во ситуација кога два клуба веќе јавно демантираа дека се дел од иницијативата и ставот на најтрофејниот клуб е дека натпреварите во Првата лига мораат да продолжат.

Неофицијално, за денеска е закажан состанок меѓу челниците на Федерацијата и претставниците на Здружението на прволигаши, но не се очекува посеризно поместување на ставовите. Од МКФ најавуваат дека се цврсти на желбата цената на лиценците да остане како што беше договорена уште во декември, а на клубовите е да решат дали ќе прифатат да играат, или ќе се соочат со преселба во понизок ранг. Во најнезавидна позиција се наоѓа Струмица, која утре треба да го игра својот меч од Купот на Македонија против Гостивар, а евентуален нов службен пораз автоматски ќе значи и губење на првотимскиот статус за струмичани.

Се вчитува...