Кочаман: Елмас е врвен талент, а верувам дека Фенербахче е помоќен од Вардар

Tренерот на Фенербахче, Ајкут Кочаман, вели дека доколку Фенербахче ја искористи моќта која пред мечот е претставена на хартија, ќе успее да го елиминира Вардар и ќе се пласира во групната фаза од Лигата на Европа. Тој дека Вардар ќе ја користи истата стратегија како и на дуелите против Копенхаген, иако клубот остана без тренерот Гоце Седлоски на два дена пред мечот.

„Наша главна цел е да се помине овој плејоф, и да обезбедиме место во групите од Лигата на Европа. Истото го посакува Вардар, но се надевам дека ние ќе ја искористиме нашата моќ. Факт е дека во вакви натпревари се очекува од тренерите да пронајдат експресни решенија за одредени проблеми. Затоа секогаш се повторувам дека со напорна работа, со дисциплина, секогаш се постигнуваат резултати. Ги анализиравме двата натпревари на Вардар со Копенхаген и стратегијата на Седлоски, но сега не знам дали ќе ја употребат истата тактика, бидејќи тој не е на клупата на нашиот противник. Доколку утре на клупата застане нов предводник, не верувам дека за еден ден ќе ја смени филозофијата на игра во тимот, така што очекувам Вардар да пристапи на сличен начин. Планирав да му дадам шанса на Солдадо во следното коло од домашното првенство, но повредата на Ван Перси не натера да ја забрзаме процедурата, така што навивачите на Фенербахче ќе можат уште утре да уживаат во неговата игра“, изјави Кочаман.

Тренерот на Фенер го истакна своето мислење и за новиот член на неговиот состав, нашиот млад репрезентативец, Елиф Елмас. Кочаман вели дека Елмас е голем талент, и дека Фенербахче ќе му помогне да се развие во врвен фудбалер.

„Самиот факт дека Фенербахче ангажира толку млад фудбалер значи дека поседува огромни квалитети. За овој клуб не е карактеристично да купува толку млади играчи, но тој е нешто посебно. Елмас ќе ни биде од голема корист, доколку продолжи да се развива. Станува збор за играч кој има 17 години, заедно со другите млади фудбалери ќе има одлични услови да го надополнува своето фудбалско знаење“, потенцира Кочаман.

Се вчитува...