Кочаман: Елмас го купивме за „џабе“ пари, а сега вреди вистинско богатство!

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас синоќа имаше уште еден одличен настап за Наполи против големата Барселона. Неполни триесет минути му беа потребни на тимот од Неапол да поведе против Барселона на „Камп Ноу“, а огромна заслуга за тоа имаше македонскиот интернационалец Елиф Елмас.

Македонецот со одличен дриблинг го исфрли од игра Жорде Алба и му асистираше на Зиелински за водство на Наполи.

По извонредната игра на Елиф се огласи и поранешниот турски фудбалер и тренер на Фенербахче, Ајкут Кочаман, кој имаше само пофални зборови за Елмас по вчерашниот настап против каталонскиот гигант.

„Елмас пристигна кај нас за џабе пари, а сега вреди 50 милиони. Го гледав неговиот последен настап, тој беше главен на теренот. Настапот на Елмас беше вистинско уживање“, кажа Кочаман.

Елмас веќе две и пол години е во Наполи, а оваа сезона игра одлично под палката на Спалети.

Се вчитува...