Кочов: Благодарам Грнчаров, за довербата кога беше најтешко

Ѓорѓи Кочов ја прослави својата прва тренерска титула на сениорско ниво, откако младиот стратег со максимални 3-0 ја доби финалната серија против Работнички, во иста мера „одмаздувајќи“ му се на Марин Докузовски за поразот во ланското финале.

„Малку сум лут што прерано почнавме да ја славиме титулата, уште некаде во првата четвртина, па си ја искомпликувавме задачата. Како и да е, одигравме одлично, ова беше исклучително тешка сезона во која зад нас се 74 или 75 натпревари. Целта е остварена, титулата се врати во МЗТ Скопје, а ова ќе ни биде само мотив повеќе за во иднина. Секако дека трофеите се важни, но сметам дека многу важно е и да се натпреваруваме надвор од Македонија, да видиме каде сме навистина, кои се нашите можности. Сметам дека одлично ја претставивме македонската кошарка со добрите игри во АБА2, за жал не успеавме да се пласираме во елитното друштво, но што повеќе македонски екипи треба да бидат дел од вакви натпреварувања“ – истакна Кочов.

Стратегот на „металците“ испрати благодарност до сите свои соработници, до претходникот Жељко Лукајиќ, како и до директорот на клубот, Тони Грнчаров.

„Заслужни има многу, јас сакам да им се заблагодарам на сите, од кошаркари, до членови на стручен штаб и на медицинскиот тим. Благодарност до Јанко Луковски, кој со своите совети многу ми помагаше кога работите не одеа најдобро. Ова немаше да се случи ако не беше Жељко Лукајиќ, стратегот кому му бев помошник ланската сезона и кој ме препорача да го наследам како прв тренер. Големо благодарам и до Тони Грнчаров, за довербата што ја покажа во мене кога беше најтешко“ – порача Кочов.

Се вчитува...