Кочов: Браво Гостивар, прекрасно е да се игра во ваква атмосфера

Ѓорѓи Кочов има причина да биде презадоволен од изданието на МЗТ Скопје на тешкото гостување во Гостивар, но младиот стратег покрај за своите играчи имаше пофални зборови и за домашните фанови за спортската атмосфера во текот на целиот натпревар.

„Многу важна победа за нас, особено по она катастрофално издание против Динамик. Знаете дека се соочуваме со проблеми со повреди во текот на целата сезона, сега бевме комплетни и одигравме одличен натпревар. Многу трчање и агресивност, тоа беше наша формула за успех на овој натпревар и горд сум на своите играчи за ова издание. Исто така, големи честитки до гостиварци за оваа атмосфера, да се игра во преполна сала и како противник да се ужива во целата ситуација, тоа е вистинска реткост и затоа јавно им честитам на навивачите“ – истакна Кочов по натпреварот.

Голем плус за МЗТ дефинитивно е враќањето на Американецот Лестер Медфорд.

„Лестер е еден од лидерите на нашиот тим, тој настапи иако имаше само еден тренинг со екипата по повредата. Не станува збор само за поените, неговото влијание врз нашата игра е големо поради начинот на кој диктира темпото, во што ни помогна и на денешниот натпревар“ – изјави стратегот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...